Ништо ново во МотоГП: Маркез повторно ја уништи конкуренцијата за трета титула по ред!

Како што во Формула 1 владеат Луис Хамилтон и Мерцедес, во МотоГП шампионатот нешто слично доминира Марк Маркез, кој со својата Хонда ја запиша петтата шампионска титула во „кралската“ класа, а трета во последните три години.

25-годишниот Шпанец едноставно е без конкуренција во последните неколку години. Серијата започна во 2013 година, кога Шпанецот ја освои својата прва титула, а во наредните пет години освои уште четири шампионски трофеи. Неговата доминација за кратко беше прекината од Хорхе Лоренцо, кој во 2015 година стигна до титулата со пет бода предност пред Валентино Роси.

Сега веќе изминатата сезона тргна со трката за ГН на Катар, каде победи Андреа Довициозо, пред Маркез и Роси. Шпанецот и на втората трка беше невидилив, на која славеше Карчлоу, а Маркез заврши само на 18. место. Но, во наредните три трки Марк Маркез забележа три победи и повторно најави дека е главен кандидат за одбрана на титулата. Во продолжение од сезоната Шпанецот беше најконстантен и на следните 13 трки, десет пати заврши најмалку на пиедесталот, а на шест беше на највисокото место. На крајот, до својата нова титула стигна со 321 бод, пред Андреа Довициозо кој освои 245 поени, а третото место во шампионатот го освои Валентино Роси со 198 поени.

Кај конструкторите, благодарение на Маркез, до титулата стигна тимот на Хонда со 438 бода, а како второпласиран заврши Дукати со 392 бода, само еден повеќе од Јамаха.

Во Мото2 шампионатот, до титулата стигна Италијанецот Франческо Бања со 306 поени, пред Португалецот Мигел Оливеира, кој собра девет поени помалку, а третото место во шампионатот го освои Јужноафриканецот Бред Биндер со 201 поен. Кај најслабата класа и популарно наречениот Мото3 шампионат, титулата ја однесе Шпанецот Хорхе Мартин со 260 поени, пред Италијанците Ди Џиантонио (218) и Марко Безечи (214).

Новиот шампионат во МотоГП класата ќе запoчне на 10 март со трката за ГН на Катар, а ќе биде финиширан на 17 ноември на патеката во Валенсија. Вкупно ќе се возат 19 трки, Марк Маркез повторно е главен кандидат, а од сенка ќе го напаѓаат Довициозо, Роси и Лоренцо.