„Нереално е дека Берман возеше без грешка, за трката во Мелбурн – ќе видиме“

На втората трка во Формула 1 сезоната шанса да вози за Ферари наместо Карлос Саинц доби младиот талент Оливер Берман. 18-годишното момче кое се натпреварува во Формула 2 влета во болидот на Шпанецот и забележа солиден резултат со пласманот на седмото место. 

По доброто возење во Џеда, пофалби на адресата на Берман пристигнаа од многу страни, а една беше и од првиот човек на Ферари, Фредерик Васер. 

„Оливер имаше мега-викенд. Го повикав околу два часот в петок, пред стартот на третиот тренинг. Дојде во Џеда, одработе одлично на тренингот, а во квалификациите му недостигаа неколку стотинки. Одработе скратен викенд без прв и втор тренинг, тоа за мене е нереално“, започна Васер.

Меѓу другото, шефот на Ферари зборуваше и за ситуацијата со Карлос Саинц. 

„Го посетив во болница и беше добро. Саинц дојде и на патеката за трката. И натаму е во болки, оди тешко. Тој во моментов мора да се фокусира на заздравувањето, а ние на Мелбурн. Оваа седмица ќе ја искористи за да одмори, па потоа ќе видиме“, заклучи Васер.

Добри вести за Карлос Саинц се дека по двете саботни трки на стартот, следниот викенд е слободен и активностите се враќаат со трката за Големата награда на Австралија од 22 до 24 март.