• Иван Димовски
Голема е веројатноста Марк Маркез да се врати на патеката веќе овој викенд на трката за Големата награда на Италија која ќе се вози на легендарната патека во Муџело.
Од тимот на Дукати соопштија дека актуелниот шампион ќе отпатува за Италија и ќе се обиде да добие зелено светло од лекарските служби на Мото ГП шампионатот за настап на тркачкиот викенд.
Шпанецот се повреди за време на спринтот во Ле Ман кога доживеа тежок пад и заработи скршеница на петтата метатарзална коска на стапалото. Дополнителните прегледи покажаа и проблем со штрафот кој претходно му бил поставен по операцијата на клучната коска. Маркез веднаш беше подложен на хируршка интервенција, при што лекарите го санираа стапалото и го отстранија проблематичниот шраф.
Поради овие проблеми, Шпанецот не настапи на главната трка во Франција, а го пропушти и целиот викенд за Големата награда на Каталонија. Сепак, од неговиот тим веруваат дека тој ќе биде подготвен за камбек токму на Муџело.