Нема мрдање од Мекларен: Нов договор за шампионот во Формула 1!

Британскиот возач во Формула 1, Ландо Норис, го продолжи договорот со Мекларен и ќе остане дел од тимот најмалку до крајот на 2030 година.

Норис, кој има 26 години, со новиот договор ја потврди својата долгорочна посветеност кон британскиот тим. Во договорот постои и опција за продолжување на соработката и по 2030 година.

Британецот е член на Мекларен од 2017 година, кога се приклучи на јуниорската програма, а две години подоцна дебитираше во Формула 1. Досега има 163 трки за тимот, повеќе од кој било друг возач во историјата на Мекларен.

Во досегашната кариера со Мекларен, Норис оствари 13 победи, 18 пол-позиции и 48 пласмани на подиумот. Минатата сезона ја освои и својата прва шампионска титула во Формула 1, додека со тимот има и две титули во конкуренција на конструктори.

„Мекларен е мојот дом и многу сум среќен што потпишав нов договор. Сакаме да продолжиме да победуваме и да освојуваме шампионски титули“, порача Норис.

Со продолжувањето на договорот, Мекларен ја задржува својата шампионска постава и за наредните години, со Норис како еден од главните адути на тимот во борбата за нови трофеи.