Најемотивна победа на Безеки на домашното МотоГП на „Муџело“

Италијанецот Марко Безеки ја оствари најемотивната победа во својата МотоГП кариера, откако триумфираше на домашната Голема награда на Италија на легендарната патека Муџело.

Возачот на Априлија Рејсинг поголемиот дел од трката го мина на втората позиција зад двократниот светски шампион Франческо Бањаја. Решавачкиот потег го направи на почетокот од 14. круг кога го презеде водството, по што сигурно ја контролираше трката до самиот финиш и стигна до првата победа пред домашната публика во кралската класа.

Второто место му припадна на неговиот тимски колега Хорхе Мартин, кој во 15. круг успеа да го мине Бањаја, но немаше доволно темпо за да се впушти во борба за победата со Безеки. И покрај падот во ритамот во вториот дел од трката, Бањаја успеа да обезбеди место на подиумот. Во драматичната завршница беше нападнат од Аи Огура во последниот свиок, но возачот на Дукати успеа да ја врати позицијата и да го освои третото место со минимална предност од само 0,034 секунди.

Огура, кој стартуваше дури од 13-тата позиција, мораше да се задоволи со четвртото место, додека петти заврши Фабио Ди Џанантонио. Топ десетката ја комплетираа Педро Акоста, Марк Маркез, Раул Фернандез, Фермин Алдегер и Диого Мореира.

По седум одржани трки сезонава, лидер во генералниот пласман останува Марко Безеки со 173 бодови. Втор е Хорхе Мартин со 156, додека третото место му припаѓа на Фабио Ди Џанантонио, кој заостанува 39 поени зад лидерот. Сезоната во МотоГП продолжува веќе следниот викенд со Големата награда на Унгарија.