Најбрзиот автомото спорт се враќа во Турција

Формула 1 повторно ќе се врати во Турција од следната сезона, откако беше постигнат договор меѓу организаторите и турската влада за домаќинство во период од најмалку пет години.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган потврди дека договорот е финализиран и најави дека наскоро ќе бидат објавени сите детали. Со тоа, Истанбул Парк повторно ќе стане дел од календарот на Формула 1, првпат по 2021 година.

Патеката во Истанбул дебитираше во календарот во 2005 година и беше редовен домаќин до 2011, а потоа повремено се враќаше. Последната трка таму ја освои Валтери Ботас со тимот на Мерцедес.

Истанбул Парк важи за една од најомилените патеки меѓу возачите, пред сè поради легендарната осма кривина, која се смета за една од најтехнички најпредизвикувачките во светот на мотоспортот.

Најуспешен возач на Големата награда на Турција е Фелипе Маса, кој со Ферари славеше три последователни победи од 2006 до 2008 година. Два триумфа во Истанбул има и седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон.

Во меѓувреме, шампионатот е во пауза поради откажувањето на трките во Бахреин и Саудиска Арабија, а сезоната ќе продолжи на 3 мај со трката за Големата награда на Мајами.