Мото ГП шампионатот чека на почетокот, одлуката следната седмица

Кармело Еспелета, првиот човек на Дорн, кој го води Светскиот шампионат во мотоциклизам најави дека владата на Шпанија во текот на наредната седмица ќе донесе одлука дали Мото ГП сезоната ќе стартува во јули со трката во Херес.

Според најавите на патеката „Анхел Нието“ треба да се одржат две трки во низа, едната за големата награда на Шпанија, а другата за Големата награда на Андалузија. Термините се предвидени за 19, односно 26 јули, но засега нема официјална потврда за тоа. 

„Чекаме официјална потврда од шпанските власти. Верувам дека во текот на следната седмица ќе имаме уште еден состанок, кој ќе го даде конечниот одговор“, вели Еспелета.

Досега дури единаесет трки од Мото ГП шампионатот се одложени или откажани, а следната трка која ја нема доживеано оваа судбина е за Големата награда на Чешка, закажана за 9 август.