• Иван Димовски
Сезоната во Мото ГП беше многу возбудлива. На крајот во последната трка до трофејот дојде за првпат во кариерата Хорхе Мартин. Шпанецот имаше повеќе нерви во финишот на сезоната и го детронизира Пеко Бањаја кој заврши второпласиран во поредокот.
Долго време се водеше битка на овие двајца возачи низ сезоната, а драмата се пресели на последниот тркачки викенд кој по одложувањето на трката во Валенсија беше закажан за Каталонија. На него Мартин успеа да ја исполни целта, го задржа Бањаја зад себе и го освои првиот трофеј во својата кариера која е на самиот почеток. Младиот шпански возач стана хит бидејќи за време на прославата на титулата излезе со маска од популарниот филм „Терминатор“.
Сензационално на третата позиција се пласира големиот шампион Марк Маркез кој иако не возеше на фабрички мотоцикл од Дукати покажа сериозни перформанси. Поради тоа во следната сезона тој ќе биде унапреден во првиот тим на оваа италијанска фабрика.
Вреди да се напомене дека во 2024 година до победи доаѓаа само италијански тимови, поточно победник кај конструкторите на сите трки со исклучок на третата во САД (победи Априлиа) беше екипата на Дукати.
Што се однесува до возачите, дури единаесет пати на дваесет трки победуваше Пеко Бањаја. Сепак, ниту тоа не беше доволно за да се освои титулата, а Хорхе Мартин со само три победи и константност во текот на цела сезона го крена трофејот. Освен нив двајца трипати победуваше Марк Маркез, два Енеа Бастианини и еднаш Маверик Вињалес.