Мото ГП 2021: Квартараро шампион, заврши ерата на Валентино Роси

Мото ГП сезоната мина во знакот на младиот Фабио Квартараро. 22-годишниот Французин беше најконстантен и на својот Монстер Енерџи Јамаха мотоцикл дојде до првиот трофеј во кралската класа. Квартараро ја победи конкуренцијата во видот на Франческо Бањаја и ланскиот првак Жоан Мир, за да завладее со Мото ГП. 

Со најконстантни резултати и пет победи на осумнаесетте трки, Квартараро собра 278 бода на врвот. Иако формата на францускиот мотоциклист падна во завршницата на сезоната, а апсолутна доминација на патеките имаше Бањаја кој победи на четири од последните шест трки, сепак Италијанецот остана со 252 освоени поени на втората позиција. Бранителот на тронот Мир беше последниот кој ја проби „границата“ од 200 поени и со 208 ја финишира сезоната. 

Сепак, на крајот на сезоната сè останато падна во вода. Од спортот се прости можеби најголемиот на сите времиња, Валентино Роси. Прославениот италијански мотоциклист последен пат возеше трка во Мото ГП, а во Валенсија кариерата ја заврши со десетта позиција. Иако беше втор најтрофеен зад сонародникот Џакомо Агостини, сепак Роси остави огромен печат во овој спорт. Кога ќе се спомене Мото ГП, прва асоцијација дури и на неупатените е Валентино Роси. Доминацијата на на ВР46 заврши во 2009 година кога го крена последниот седми трофеј, но и во годините потоа тој беше често во центарот на вниманието. Кариерата ја заврши со 115 победи во кралска класа, од кои последната во 2017 година во Холандија. И покрај сè, Роси беше испратен како што му доликува, со аплаузи, овации и шоу на последната трка оваа сезона. 

Со трката за Големата Награда на Катар на шести март следната година ќе се крене завесата на новата Мото ГП сезона, а во неа приматот ќе го брани Фабио Квартараро.