Морбидели за „влакно“ побрз од Милер во квалификациите, незгоден пад на Маркез

Франко Морбидели, возачот на Петронас Јамаха, имаше најдобар настап на денешните квалификации и утре од пол-позицијата ќе стартува на трката за Големата награда на Валенсија, која е претпоследна од годинешниот шампионат во Мото ГП.

Италијанецот на патеката „Рикардо Тормо“ до втората пол-позиција оваа сезона, а осма во кариерата, стигна со време од 1:30,191 минути. Во борбата за првото место, Морбидели беше побрз од возачот на Прамак Дукати, Милер за само 96 илјадитинки. На двајцата во првиот ред ќе им се придружи возачот на ЛЦР Хонда, Такаки Накагами.

Во првиот дел од квалификациите во центарот на вниманието беше возачот на Репсол Хонда, Алекс Маркез, кој по едно невнимание излета од патеката, но за среќа без посериозни последици.

Трката за Големата награда на Валенсија во кралската класа на програмата е во недела во 14:00 часот.