Мигел Оливеира ја пропушта трката во Ле Ман

Возачот на Априлја, Мигел Оливеира ќе ја пропушти следната трка од Мото ГП шампионатот во Франција, поради повреда на рамото. Оливеира се повреди за време на првиот круг од неделната трка во Херез, по инцидентот со возачот на Јамаха, Фабио Квартарара.

Според тимот, португалскиот мотоциклист нема да оди на операција, и треба да биде подготвен за трката на патеката Муџело (11 јуни). Оваа сезона Оливеира не ја заврши првата трка во Португалија, а потоа ја пропушти трката во Аргентина поради повреда. Во генералниот поредок го зазема 14. место со 21 бод, а води актуелниот светски шампион Франческо Бањаја на Дукати со 87 бодови.

Оливеира ќе биде заменет со тест-возачот на Априлја, Лоренцо Савадори во Ле Ман на петтата трка од сезоната. Трката за Големата награда на Франција се вози на 14 мај.