Мерцедес не се откажува: Официјално побара казна за Макс Верстапен!

Мерцедес

Макс Верстапен и Луис Хамилтон имаа мал инцидент на трката во Бразил. За среќа никој не мина со големи последици, а стјуардите одлучија дека нема потреба од казна за возачот на Ред Бул.

Британецот очигледно беше побрз во ситуацијата, но наиде на силен отпор, поради кој двата болиди завршија надвор од патеката. Тоа не им се допадна на челниците на Мерцедес, кои незадоволни од првичната одлука, доставија официјално барање ситуацијата дополнително да се разгледа пред следниот настан во Катар. Тоа значи дека ќе се разгледуваат нови снимки, па можеби на крај Верстапен ќе добие санкција на следната трка. Тоа ќе донесе нов момент во жестоката борба за шампионската титула.

Доколку добие казна од пет секунди, поради опасното возење, Холанѓанецот на крај ќе заврши на третата позиција, зад Валтери Ботас. Тоа значи дека разликата меѓу првите двајца возачи во генералниот пласман ќе се намали на единаесет бода.

Хамилтон напредуваше од последното до петтото место на саботната спринт трка, но казната за промена на дел од моторот го натера да ја започне неделната трка од десеттото место. 36-годишникот беше на посакуваното ниво во неделата, кога успеа да стигне дури до првата позиција и му зададе нов удар на лидерот во генералниот пласман.