Мерцедес ќе му оддаде почит на Ники Лауда на трката во Монако

Екипата на Мерцедес на трката за Големата Награда на Монако ќе му оддаде почит на својот поранешен возач Ники Лауда, кој почина на 70-годишна возраст.

Еден од најдобрите во историјата на Ф1-спортот замина меѓу легендите пред неколку дена, а од таборот на Мерцедес изразија жалење и истакнаа дека во негова чест ќе имаат посебна графика исцртана на болидот.

Почит на Лауда ќе му оддадат и од целиот Ф1-спорт, со едноминутно молчење. Трката за ГН на Монако се вози на 26 мај.

Лауда, кој почина на 70-годишна возраст, важи за еден од најдобрите во историјата на Формула 1. Во овој спорт, беше активен од 1971 до 1979, па од 1982 до 1985, а неговите успеси засекогаш ќе бидат запишани во историјата со златни букви. Лауда зад своето име има три титули, во 1975, 1977 и 1984 година. Возеше за неколку тима, а ќе се памети како единствен возач кој успеал да освои шампионски титули со Ферари и Мекларен, лутите ривали во Ф1.

Ники Лауда беше роден на 22 февруари, 1949 година во Виена, а почина на 21 мај 2019 година, поради здравствени проблеми. Заврши во болница поради наводни компликации со бубрезите, а се уште не е позната точната причина за смртта.