• Иван Димовски
Формула 1 тимот на Мекларен има неверојатна шанса да го детронизира Ред Бул во конструкторската битка каде што заостанува осум бода, но и Ландо Норис е во трка за шампионскиот пехар кај возачите.
Британецот има 62 бода помалку од Макс Верстапен кој нема победа на шест трки во низа. Поради тоа, навивачите се критични кон Мекларен кој им остава слобода на своите возачи да се тркаат без рестрикции, наместо да се насочи кон трката за титулата на Норис. Самиот Оскар Пиастри веројатно нема многу да се противи ако добие тимска наредба, но од Мекларен се двоумат во однос на тоа. Сепак, спротивно на тие ставови на тимот беше однесувањето во Унгарија, кога од Норис се бараше да му ја препушти победата на тимскиот колега, а тој послуша и доби „ветувања“ за иднината.
Сепак, директорот на екипата Андреа Стела зборуваше на оваа тема и најави промени до крајот на сезоната.
„Одлучни сме во тоа да ја освоиме титулата, но на вистински начин. Ќе го поддржиме Ландо, меѓутоа без да направиме премногу компромиси во поглед на нашите принципи. Екипата секогаш е на прво место. Не сакаме да гледаме ситуации како во Монца, каде влеговме со еден-два, а по првиот свиок бевме прв и трет возач. Сега имаме за цел да ги освоиме двете титули. Кога го прашав Оскар: „Дали би можел да се откажеш од победата?“, ми кажа дека иако е болно, би ја направил вистинската работа. И самиот Ландо сака да победува бидејќи ја заслужува победата на патеката. Добро е да ти помогне колегата понекогаш, но тоа не сакаш да биде редовно решение. Тоа не е начинот на кој Мекларен сака да победува. „Папаја правила“ се потсетник за нашите возачи да не ризикуваат премногу во меѓусебната борба.
Мора да бидеме внимателни во конструкторската трка, бидејќи тоа е трка најмалку на три екипи до крајот“, изјави Стела.
Следната трка се вози викендов на улиците во Баку в недела од 13:00 часот.