• Иван Димовски
Хорхе Мартин освои историска титула во Мото ГП, прва во својата кариера. На последната трка во Барселона тој си ја исполни задачата, беше третопласиран и ја анулира победата на минатосезонскиот првак Бањаја.
По последната трка, Мартин беше одушевен, немаше зборови и откри дека не знае дали да се смее или да плаче.
„Дукати ми даде шанса да влезам во Мото ГП, можеби на крајот не ја завршивме сезоната на најдобар начин бидејќи не успеав да влезам во фабричкиот тим, ама ми дадоа добро оружје. Бев во можност да го победам Пеко Бањаја и големиот Марк Маркез.
Ова беше долга трка, со многу подеми и падови. Во шок сум, понекогаш се чувствувам дека сакам да заплачам, а понекогаш да се насмеам. Останав без зборови. Ова не беше лесен пат, сите знаеме од каде тргнав, моите родители силно се бореа да ми го исполнат сонот, а тоа е ова денес. Оваа година напорно работев за успех“, изјави Шпанецот.
На крајот од сезоната Мартин финишира со 508 бода, десет повеќе од Бањаја.