• Мартин Танасковски
Искусниот шпански мотоциклист Марк Маркез продолжи со импресивната форма, триумфирајќи на трката за Големата награда на Чешка која се возеше на легендарната патека Масарик во Брно.
Возачот на Дукати уште еднаш ја потврди својата надмоќ во МотоГП шампионатот, каде ја забележа својата петта последователна, а вкупно осма победа во сезоната. Зад него заврши Марко Бецеки од тимот на Априлија, додека третата позиција му припадна на младиот Педро Акоста од редовите на КТМ.
Со оваа победа, осумкратниот светски шампион значително ја зголеми својата бодовна предност во генералниот пласман. Маркез сега има 381 бод, пред својот брат Алекс Маркез, кој е втор со 261, а поранешниот шампион Франческо Бањаја е трет со 200 бодови.
Следниот тркачки викенд е закажан за периодот од 15 до 17 август, кога на програмата е трката за Големата награда на Австрија на патеката во Шпилберг.
ФОТО: Ducati / X