Марк Маркез славеше на спринтот во Катар и го симна брат му Алекс од првото место

Возачот на Дукати, Марк Маркез победи на спринтерската трка во Мото ГП шампионатот за Големата награда на Катар и го презеде водството во генералниот пласман.

Маркез стартуваше од пол-позицијата и трката ја заврши за 20:38.304 минути. Второто место со заостанување од 1.577 секунди го зазеде неговиот помлад брат Алекс Маркез, од кого го презеде водството во генералниот пласман. Возачот на VR46, Франко Морбидели, ја мина целта како третопласиран, со заостанување од 3,988 секунди.

Возачот на Дукати, Франческо Бањаја го освои осмото место, додека актуелниот шампион Хорхе Мартин од Априлија беше шеснаесетти. Тој се врати на патеките откако ги пропушти првите три трки поради повреда.

Во генералниот пласман Марк Маркез има 98 бода, два повеќе од неговиот брат, а трет е Бањаја со 77 бодови. Трката за Големата награда на Катар е закажана за вечерва од 19:00 часот.