Марк Маркез претрпе две операции и го чека пауза од МотоГП

Нови проблеми за Марк Маркез и неговиот тим Дукати. Актуелниот шампион во Мото ГП доживеа скршеница на десното стапало по падот во спринт трката пред ГН на Франција во Ле Ман. Веднаш по прегледите било јасно дека Шпанецот нема да настапи на главната трка, а ќе ги пропушти и возењата за ГН на Каталонија претстојниот викенд.

Возачот на Дукати морал итно да биде опериран во Франција, а по интервенцијата се огласи преку социјалните мрежи.

„Операцијата беше успешна. Благодарен сум на сите за пораките со поддршка. Голема благодарност и до медицинскиот тим, беа фантастични“, порача Марк Маркез.

За 33-годишниот Шпанец ова е само продолжение на серијата проблеми со повреди во последните години. Минатата сезона се мачеше со рамото, а во октомври повторно се повреди по судир на трката во Индонезија.

Сезоната за Маркез и онака не започна идеално. Не успеа да заврши две трки во Тајланд и Шпанија, додека во Бразил беше четврти, а во САД заврши на петтото место. Во генералниот пласман, Марк Маркез моментално е седми со 57 бодови.