• Горан Упале
Македонскиот мотоциклист, Синиша Кочоски, зад себе остави уште една успешна сезона во БМУ Европскиот шампионат. Во категоријата СТК 1.000 Кочоски заврши на второто место во генералниот пласман и по двете шампионски титули во низа, сега е вицешампион во ова натпреварување.
Кочоски имаше турболентна сезона, но и покрај сите проблеми успеа да оствари уште еден голем успех во кариерата. Македонскиот мотоциклист до самиот крај имаше шанси за „хет-трик“ и трета шампионската титула, но на крај пред него заврши Димитар Митов од Бугарија.
„Сезоната се заокружи со прво место на последната трка од БМУ Европскиот шампионат. Во генерален пласман завршив на второто место, со титулата вицешампион. Иако целта беше врвот, горд сум на постигнатото и благодарен за сè што научив по пат. Оваа сезона ќе ја паметам по трудот и посветеноста, благодарен на искуството и научените лекции“, истакна Кочоски.
Покрај вицешампионското место во БМУ Европскиот шампионат, Кочоски заврши на високото петто место во ФИМ Европскиот шампионат (Алпе Адриа) и второ место на Чешкиот шампионат.