„Малиот Прост“ ќе му биде колега на Верстапен во Ред Бул

Францускиот возач Исак Хаџар ќе му се приклучи на холандскиот четирикратен светски шампион Макс Верстапен во главниот тим на Ред Бул следната сезона, потврди австриската екипа. Дваесет и едногодишниот талент, познат под прекарот „Малиот Прост“, е еден од најистакнатите производи на младинската програма на Ред Бул.

Хаџар ја имаше својата прва целосна сезона во Формула 1 годинава со сестринскиот тим Рејсинг Булс, а во 2025 ќе го замени јапонскиот возач Јуки Цунода, кој преминува во улога на резервен возач. Неговото место во Рејсинг Булс ќе го заземе 18-годишниот британски дебитант Арвид Линдблад.

Во својата дебитантска сезона Хаџар моментално е десетти во генералниот пласман со 51 поен и успеа да освои бодови на десет од 23 трки, што е исклучително редок успех за возач со толку малку искуство во шампионатот. Неговиот најголем момент дојде на трката во Холандија, кога со освоеното трето место стана најмладиот Французин кој некогаш се искачил на подиум во Формула 1.

Со доаѓањето во Ред Бул, Хаџар ќе стане петтиот тимски колега на Ферстапен од 2016 година наваму, по Даниел Рикардо, Пјер Гасли, Јуки Цунода и Лиам Лосон.