Макс Верстапен го напушта Ред Бул и добива најбогат договор во историјата на Ф1?

Сè погласни се шпекулациите за можното заминување на Макс Верстапен од Ред Бул. Актуелниот четирикратен шампион во Формула 1, наводно, има клаузула во договорот што му дозволува да го напушти Ред Бул доколку заврши под третото место во поредокот за возачи.

Астон Мартин се смета за главен кандидат за ангажман на Верстапен, а според „Газета дело Спорт“, тимот подготвува неверојатна понуда за Холанѓанецот. Од 2026 до 2028 година, Верстапен би можел да заработи вкупно 264 милиони евра, односно 88 милиони евра годишно, што би бил најголемиот договор во историјата на Формула 1. Во споредба, сегашниот договор со Ред Бул му носи 50 милиони евра годишно.

Зад оваа понуда стои Фондот за јавни инвестиции (ПИФ) на Саудиска Арабија, предводен од престолонаследникот Мохамед бин Салман. ПИФ досега главно инвестираше во фудбалот, овозможувајќи трансфери како оној на Кристијано Роналдо во Ал-Наср, а сега планира да се вклучи и во Формула 1.

Саудијците веќе поседуваат 20% од акциите на Астон Мартин преку нафтената компанија Арамко и имаат амбиција да станат мнозински сопственици, особено откако канадскиот милијардер Лоренс Строл, сегашен сопственик на тимот, изјави дека е отворен за продажба.