Луис или Макс – кој ќе се радува на шампионската титула во Фoрмула 1?

Луис Макс

Луис Хамилтон на доминантен начин победи на трката за ГН на Бразил и му зададе голем удар на неговиот лут ривал Макс Верстапен.

Сепак, возачот на Ред Бул и натаму останува во подобра позиција за освојување на шампионската титула. Во пресрет на последните три трки, Холанѓанецот има 14 бода предност во однос на бранителот на тронот во Формула 1 шампионатот.

Мерцедес има јасна цел до крајот на сезоната. Ќе атакува на победи на сите три трки и ќе се обиде максимално да го зголеми притисокот врз младиот конкурент од Ред Бул. Верстапен никогаш не бил во ваква битка за титула во својата млада кариера. Следните неколку недели ќе покажат со каков карактер располага во моменти кога не смее да направи ни најмала грешка.

Холандскиот пилот веќе не може само да се фокусира на завршувањето на трките, туку треба активно да работи Хамилтон да не победува, а тоа е огромен притисок кој ќе стои на рамената на еден така млад возач.

До крајот на сезоната остануваат трките во Катар, Саудиска Арабија и Абу Даби.