Луис Хамилтон победи на јубилејната 1.000-та трка во Формула 1!

Луис Хамилтон ја забележа својата втора победа оваа сезона во Формула 1 и 75-та во кариерата, откако славеше во јубилејната 1.000-та трка во историјата, возена за ГН на Кина. Британецот исто така беше победник и на 900-та трка во Бахреин возена во 2014 година.

Болидите на Мерцедес уште еднаш покажаа дека се доминантни и сигурно стигна до 1-2 победа, бидејќи второто место го освои Валтери Ботас. Последното место на пиедесталот му припадна на Себастијан Фетел, а зад него се пласира Макс Верстапен. Бодови од трката за ГН на Кина освоија и Леклерк, Гасли, Рикардо, Перез, Раиконен и Албот.

Дополнителниот бод за најбрз круг го освои Гасли, кој до тоа остварување стигна во последниот круг, а за најдобар возач на трката во Кина беше прогласен Александер Албон, кој тргна од последната позиција (боксот) и на крајот успеа да освои еден бод.

Во генералниот пласман Луис Хамилтон води со 68 бода, а на втората позиција се наоѓа Валтери Ботас со 62 поени. Следната трка се вози на патеката во Баку, за ГН на Азербејџан.