• Мартин Танасковски
Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, даде поинаква оценка за новите болиди во шампионатот, за разлика од поголемиот дел од неговите ривали. Британскиот возач го пофали новиот концепт на автомобилите и трката за Големата награда на Австралија, со која во неделата стартуваше новата сезона, ја опиша како исклучително интересна и забавна.
Уште за време на предсезонските тестирања повеќе возачи упатија критики кон новите болиди. Меѓу нив беа и актуелниот светски шампион Ландо Норис, како и Макс Верстапен. Во текот на тркачкиот викенд во Австралија на тие забелешки им се приклучија и други пилоти, но Хамилтон имаше сосема поинакво гледиште.
„Лично јас уживав во трката. Мислам дека беше навистина забавна. Болидот беше одличен за возење. Ги следев болидите пред мене и постојано имаше промени на позициите, па затоа сметам дека засега сè изгледа прилично добро“, изјави Хамилтон.
Британецот се осврна и на коментарите од некои негови конкуренти кои тврдеа дека големиот број претекнувања делувал „вештачки“.
„Не знам, тоа треба да го прашате нив. Од моја перспектива сè изгледаше одлично. Но тие беа подалеку назад во колоната. Можеби кога пред вас има дваесет болиди, работите изгледаат поинаку. Од моја позиција, мислам дека трката беше одлична“, додаде седумкратниот светски шампион.
На првата Ф1-трка во Австралија, Хамилтон заврши на четвртото место.