Леб ја искористи казната на Саинц за победа во осмата етапа на Дакар

Себастијан Леб беше победник на вчерашната етапа на релито Дакар. На осмиот ден се возеше од Ал Дувадими до Ријад, етапа во должина од 346 километри. 

Искусниот француски рели возач успеа прв да мине низ целта, откако Карлос Саинц заработи пет минути казна поради пребрзо возење во ограничена зона. Така, Леб се избори за победата во осмата етапа, оставајќи го Насер Ал Атијах зад себе со задоцнување од 2,11 минути, додека Саинц финишира со минус од 3,31. 

Во генералниот поредок и натаму водечки е Ал Атијах, со време од 31:02,58 часа. Тој има час и три минути позитива пред Латежан, а трет е Лукас Мораеш од Бразил. 

Кај мотоциклистите на осмата етапа најбрз беше Рос Бранч, додека во поредокот водечки е Скајлер Хаус. Денешниот ден е слободен за сите возачи и трката продолжува утре.