Леклерк: Немаме проблеми со Фетел, се договоривме да не се судираме повеќе

Возачот на Ферари, Шарл Леклер зборуваше за инцидентот во Бразил, кога тој и клупскиот колега Фетел се судрија. Двата возачи на италијанската компанија не се покажаа како најкомпатибилен пар, а неколку пати низ сезоната имаа недоразбирања. 

Младиот Монегашанин призна дека се конкурентни и сакаат да победуваат. 

„Екстремно сме конкурентни и понекогаш на стазите може да дојде до одредени конфликти. Сепак двајцата сме доволно зрели и тоа што ќе се случи на патеките останува таму. Најбитно е да работиме на развојот на болидите и да не ги преминуваме границите, како во Бразил. Сметам дека тоа беше добра лекција за двајцата и нема да се повтори“

Пред случката на „Интерлагос“ најдраматична ситуација меѓу двајцата возачи беше во Русија, кога Фетел ги игнорираше тимските наредби да го пропушти својот колега. Исто така тие имаа недоразбирања и на трките во Италија и Сингапур, но не беа сериозни како во Сочи и Бразил.

22-годишникот изјави дека тој и Фетел седнале и ги разрешиле конфликтите, но некое време по трката. 

„Имаше ситуации кога не се разбравме меѓусебе. Сепак никогаш не е паметно да разговарате со врели глави по инцидент. Пуштивме да мине време и во Јапонија разговаравме. Нашата врска напредуваше, благодарение на тоа искуство. 

Јас екстремно вредно работам за да го намалам бројот на грешки во однос на 2019 година. Како тим исто така мораме да се фокусираме на тоа“, заврши Чарлс. 

Инаку Леклерк веќе доби нов договор со Ферари кој ќе биде на важност до 2024. година. Новата сезона во формула еден стартува со Големата награда на Австралија на 15 март.