• Саше Љолес

Возачот на Ферари, Шарл Леклер, победи на трката во Формула 1 која се возеше за Големата награда на Велика Британија и ја забележа својата прва победа од октомври 2024 година.
На патеката Силверстоун, Леклер ја оствари деветтата победа во кариерата. Второто место му припадна на домашниот возач на Мерцедес, Џорџ Расел.
Трет низ целта мина тимскиот колега на Леклер во Ферари, Луис Хамилтон, додека актуелниот светски шампион и возач на Мекларен, Ландо Норис, заврши на четвртата позиција. Петтото место го освои возачот на Ред Бул, Исак Хаџар, додека неговиот тимски колега Макс Верстапен излета од патеката на четири круга пред крајот, во момент кога се наоѓаше на третата позиција.
Бодови освоија уште Лијам Лосон и Арвид Линдблад, Габриел Бортолето, како и возачите на Алпин, Франко Колапинто и Пјер Гасли.
Лидер во генералниот пласман останува возачот на Мерцедес, Андреа Кими Антонели, со 179 бодови. Тој денешната трка ја заврши на 16. место поради технички проблеми и казна од пет секунди поради надминување на границите на патеката.
На втората позиција во генералниот пласман се наоѓа Џорџ Расел со 154 бодови, трет е Луис Хамилтон со 147, додека Леклер е четврти со 108 бодови.
Во конкуренција на конструктори, Мерцедес е лидер со 333 бодови, пред Ферари со 255, додека Мекларен се наоѓа на третото место со 179 бодови. Шампионатот во Формула 1 продолжува на 19 јули со трката за Големата награда на Белгија.