Леклер доби нов мотор, но и десет места казна во Бразил

Шарл Леклер од Ферари ќе добие нов мотор во болидот за последните две трки од сезоната. Сепак, тоа „задоволство" ќе го чини десет места казна на стартот на трката за Големата награда на Бразил.

Од Ферари потврдија дека нивниот член ќе добие нов мотор, поради откажување на стариот во Остин, САД. 

„Шарл ќе добие нов мотор. Претходниот е оштетен во Остин, уште во текот на квалификациите.  Уште тогаш моравме да му ставиме стар и користен мотор, од кој течеше масло, нешто што се гледаше на самата патека", стои во соопштението од Ферари.

Во правилата на Формула 1 стои дека употреба на потполно нова погонска единица значи добивање казна на стартниот поредок, па се очекува Леклер да стартува од втората половина. Сепак младиот возач се покажа одлично оваа сезона и на две трки пред крајот има 249 поени, со што моментално е на третото место.