• Мартин Танасковски
Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, предизвика тензии во редовите на Ферари откако јавно го критикуваше тимот по трката за Големата награда на Италија во Монца.
Британецот беше незадоволен од однесувањето на својот тимски колега Шарл Леклер, со кого водеше битка за третата позиција уште на стартот на трката. При влегувањето во првата шикана, Хамилтон се обиде да нападне од внатрешната страна, но Леклер му го затвори просторот, по што Британецот излета во чакалот и падна на деветтото место.
Иако немаше контакт меѓу двајцата возачи, Хамилтон по трката упати остри критики кон раководството на Ферари, обвинувајќи го тимот за недостаток на јасни правила и тимски наредби.
„Тука нема правила. Загубивме многу бодови во однос на Мерцедес. Со недели сме во заостанување и ситуацијата е тешка. Давам сè од себе, но понекогаш тоа не е доволно и потребни се и други работи за системот да функционира“, изјави Хамилтон.
Тој направи споредба со периодот кога настапуваше за Мерцедес.
„Во Мерцедес постоеше јасно напишано правило. Никогаш не дојдовме до ваква ситуација. Имавме неколку инциденти со Нико Розберг, но најчесто работите беа под контрола. Овде нема правила“, додаде 41-годишниот Британец.
На неговите забелешки реагираше и шефот на Ферари, Жан Анри Васер, кој најави дека темата ќе биде разгледана внатре во тимот.
„Тоа не е она што го посакувавме и не е добро за тимот. Ќе разговараме интерно за ситуацијата“, изјави Васер.
По трката во Монца, Хамилтон се наоѓа на третото место во генералниот пласман со 191 бод, додека Леклер е петти со 155. Лидер во шампионатот е возачот на Мерцедес, Кими Антонели, со 267 бодови, пред својот тимски колега Џорџ Расел, кој има 201 бод.