Легендарниот Карлос Саинц кандидат за прв човек на ФИА

Поранешниот рели шампион и легенда на шпанскиот мотоспорт, Карлос Саинц сениор, би можел да стане нов претседател на Меѓународната автомобилска федерација (ФИА), објави „Скај Спортс“. Според информациите, веќе извесно време се зборува дека 63-годишниот Саинц се подготвува за претседателските избори кои ќе се одржат во декември и дека ќе му биде главен ривал на актуелниот челник на ФИА, Мохамед Бен Сулајем.

Саинц е двократен светски шампион во рели, има силна поддршка од влијателни личности и функционери во различни категории на мотоспортот кои се под капата на ФИА. Тој е и татко на Формула 1 возачот Карлос Саинц Јуниор, кој од оваа сезона вози за Вилијамс. И покрај тоа, во падокот не владее загриженост околу можен судир на интереси, бидејќи Сениорот ужива углед како човек со интегритет.

Бен Сулајем е на чело на ФИА од крајот на 2021 година, но неговиот мандат беше обележан со неколку контроверзи, недоразбирања со Формула 1 возачите и соработниците – вклучувајќи го и спортскиот заменик Роберт Рид, кој минатиот месец поднесе оставка.

Се смета дека Саинц би имал многу поотворен пристап кон возачите и дека би се заложил за нивен поголем глас во креирањето на спортските правила.

Изборите за нов претседател на ФИА ќе се одржат на 12 декември на генералното собрание во Узбекистан.

ФОТО/PHOTO: Formula 1/Twitter