Квартараро до пол-позиција на последната МотоГП трка сезонава

Возачот на Јамаха, Фабио Квартараро, ќе тргне од првата позиција на трката за ГН на Валенсија, последна во оваа сезона од МотоГП шампионатот.

Французинот доминираше на патеката „Рикардо Тормо“, а тоа го докажа со пол-позицијата. Тој уште претходно најави дека ќе атакува на врвот, затоа што беше најбрз на трите слободни тренинзи.

До пол-позицијата Квартараро дојде со време 1:29.978 минути и заврши пред актуелниот првак Марк Маркез и пред Џек Милер, кои ги заземаат втората, односно третата позиција. По нив следат Маверик Вињалес, Франко Морбидели, Андреа Довициозо, Џоан Мир, Алекс Рин и Карл Крачлоу.

Трката за ГН на Валенсија на програмата е в недела од 14:00 часот.