Кривична пријава за три лица кои се обиделе да изнудат пари од семејството Шумахер

Јавното обвинителство во германскиот град Вупертал покрена постапка против три лица кои се осомничени за уцена на семејството на легендарниот Формула 1 возач, Михаел Шумахер. 

Се работи за татко, син и нивен роднина, кои се обиделе да изнудат голема сума на пари од семејството на Шумахер, заканувајќи се со објава на компромитирачки материјали. Според информациите од обвинителството, ова семејство ги добило податоците од бивш член на обезбедувањето во домот на славниот возач, а потоа истите ги користело за уцена и обид за изнуда. 

Се очекува да биде поднесена кривична пријава и против обезбедувачот кој во моментов не е достапен за органите на прогонот, но обвинителството тврди дека поседува доволно докази и против него.

Сумата што осомничените се обиделе да ја добијат изнесува меѓу 10 и 15 милиони евра, но сега се соочуваат со затворска казна од најмалку пет години. Првото рочиште против тројцата обвинети се очекува да се одржи на почетокот од декември.