Колку заработи Антонели со освоената титула во Формула 1?

Кими Антонели испиша историја во Формула 1, откако на само 20 години стана најмладиот светски шампион во историјата на најпрестижното автомобилско натпреварување. Италијанецот до својата прва титула стигна во втората сезона во Формула 1, а со тоа стана и првиот италијански шампион по пауза од 70 години.

Историскиот успех ќе му донесе и значителна финансиска награда. Според германскиот „Билд“, основната годишна плата на Антонели во неговата втора сезона изнесува два милиони долари, но бонусот за освоената титула значително ќе ја зголеми неговата заработка. Германскиот медиум наведува дека вкупните приходи на младиот Италијанец за оваа година би можеле да достигнат нешто помалку од 10 милиони евра, односно околу 11 милиони долари. Тоа е повеќе од пет пати над неговата основна плата.

Со освојувањето на шампионската титула, Антонели сигурно ја зголеми својата вредност на пазарот, а се очекува во текот на зимата да добие нов договор со Мерцедес. Неговиот актуелен договор е со важност најмалку до 2027 година, но историскиот успех може да донесе нови услови и значително повисока заработка.

Секој нов договор ќе биде споредуван со оној на неговиот тимски колега Џорџ Расел. Проценките за заработката на британскиот возач значително се разликуваат. Минатата година „Билд“ објави дека неговата годишна плата би можела да достигне околу 25 милиони евра, додека други извори наведуваат и повисоки суми.

И покрај тоа што Антонели сега е светски шампион, тој не добива автоматска парична награда од Формула 1 за освоената титула. Приходите од комерцијалните награди првенствено им припаднуваат на тимовите, додека возачите заработуваат преку своите договори, основните плати и бонусите за постигнатите резултати.