• Мартин Танасковски
Пилотите во Формула 1 со децении важат за едни од најплатените спортисти на планетата, но во последните години таа разлика стана уште поизразена. Огромниот раст на популарноста на шампионатот, особено на американскиот пазар, донесе рекордни договори, спонзорства и бизнис-можности, поради кои ѕвездите на Ф1 денес припаѓаат на вистинската финансиска елита во светскиот спорт.
Токму поради тоа, списанието „GQ“ објави листа на петтемина најбогати возачи во историјата на Формула 1. Интересен е фактот што само двајца од нив сè уште се активни и дел од актуелниот шампионат, додека останатите се легенди од поновото и подалечното минато. Еден од нив, за жал, веќе не е меѓу живите, но неговото име и наследство засекогаш ќе останат врежани во историјата на овој спорт.
На врвот на листата убедливо се наоѓа Михаел Шумахер, човекот кој со години го дефинираше модерниот успех во Формула 1. Неговото вкупно богатство се проценува на околу 790 милиони долари, што го прави најимотниот пилот што некогаш седнал во болидот. На второто место е Луис Хамилтон, седумкратниот светски шампион и најуспешниот возач на денешницата според бројот на победи и пол-позиции. Неговото богатство се проценува на околу 304 милиони долари, при што значаен дел доаѓа не само од платата, туку и од бројни спонзорски и модни договори.
Трет е Фернандо Алонсо, двократниот светски шампион од Шпанија, со проценето богатство од 264 милиони долари. Алонсо важи за еден од најдолговечните и најпрепознатливи ликови во Формула 1, а неговата кариера и надвор од патеките му донесе значителна финансиска добивка. Веднаш зад него е Кими Раиконен, познатиот „Ајсмен“, кој ја заврши кариерата како еден од најпопуларните возачи меѓу фановите. Финецот има проценето богатство од околу 254 милиони долари, стекнато преку долгогодишни договори и внимателно избрани спонзорства.
Листата ја заокружува легендарниот Ники Лауда, трикратен светски шампион и икона на Формула 1, чие вкупно богатство се проценува на 203 милиони долари. Освен како возач, Лауда оствари огромен успех и како бизнисмен и советник во светот на мотоспортот.