Кочоски подготвен, од Грција ја започнува одбраната на титулата во БМУ ЕШ!

Македонскиот шампион, Синиша Кочоски, викендов им се враќа на настапите во БМУ Европскиот шампионат. Битолчанецот по големиот успех ланската сезона и освојувањето на шампионскиот трофеј, сега пред себе има уште поголем предизвик – да се одбрани трофејот во најсилната класа во овој шампионат. Првата трка од новата сезона ќе се одржи во Серес, Грција.

„Конкуренцијата и оваа сезона ќе биде голема, но јас сум подготвен за новите предизвици. Возбуден сум што се враќам на патеката каде што минатата сезона имав одлични резултати. Она што можам да им го ветам на моите фанови дека и оваа сезона ќе се борам до последно и ќе го дадам максимумот за нови успеси. Голема благодарност до мојата фамилија, подржувачите и пријателите, ве уварувам дека нема да ве разочарам“, вели Кочоски пред настапот во Грција.

БМУ Европскиот шампионат нема да биде единствена цел на Кочоски оваа сезона, затоа што се реши за уште еден предизвик и ќе се натпреварува во уште еден шампионат – Алпе Адрија, кој започнува на крајот од мај со трките во Словачка. Наскоро, Кочоски ќе ги објави новитетите во својот тим за претстојната сезона. 

Голема конкуренција на Кочоски оваа сезона се очекува да биде Христијан Бузалковски, кој по ланската титула во Ф600 сега ќе вози во најсилната класа.