Кими Антонели оди кон историја, но ги знаете ли најмладите Формула 1 шампиони?

Андреа Кими Антонели е на само два бода од освојување на титулата во Формула 1, а може да ја запечати шампионската круна на претстојната трка за Големата награда на Мексико. Италијанецот на тој начин би испишал историја и би станал најмладиот светски шампион во историјата на најбрзиот автомобилистички шампионат, со само 20 години.

Досегашниот рекорд го држи Себастијан Фетел, кој во 2010 година ја освои титулата на возраст од 23 години и 134 дена, на последната трка во Абу Даби. Антонели би го надминал за повеќе од три години. Исто така, последен италијански освојувач на трофејот во Формула 1 е Алберто Аскари во далечната 1953 година.

  • Десеттете најмлади шампиони во историјата на Формула 1:
  1. Себастијан Фетел (2010, 23 години и 134 дена)
  2. Луис Хамилтон (2008, 23 години и 300 дена)
  3. Фернандо Алонсо (2005, 24 години и 58 дена)
  4. Макс Верстапен (2021, 24 години и 73 дена)
  5. Емерсон Фитипалди (1972, 25 години и 273 дена)
  6. Михаел Шумахер (1994, 25 години и 314 дена)
  7. Ландо Норис (2025, 26 години и 24 дена)
  8. Ники Лауда (1975, 26 години и 197 дена)
  9. Жак Вилнев (1997, 26 години и 200 дена)
  10. Џим Кларк (1963, 27 години и 188 дена)

Антонели се наоѓа пред можноста да ја освои титулата во својата втора сезона во Формула 1. Во историјата има само еден возач кој станал светски шампион уште во дебитантската сезона. Тоа е Џузепе Фарина, првиот шампион во историјата на натпреварувањето, кој во 1950 година триумфираше со Алфа Ромео, иако претходно имаше богато тркачко искуство.

Во поновата историја, Луис Хамилтон беше вицешампион во дебитантската сезона во 2007 година, а веќе следната година ја освои титулата. Идентичен пат имаше и Жак Вилнев, кој во 1996 година заврши втор, пред да стане шампион една сезона подоцна.