Кими Антонели е шампионски материјал: Од 19. место до победа во Монца!

Италијанскиот возач на Мерцедес, Кими Антонели стигна до сензационална победа на трката за Големата награда на Монца. Оваа победа е големо изненадување бидејќи тргна од 19. позиција, а на крајот стигна до првото место.

На челната позиција на трката тргна Пјер Гасли по сензационалните квалификации, меѓутоа бргу падна низ поредокот. На челната позиција изби Џорџ Расел, а втор се најде Шарл Леклер по еден жесток дуел со тимскиот колега Луис Хамилтон. Сепак, еден круг подоцна возачот од Монако загуби контрола на болидот пред излегувањето на стартно целната рамнина и заврши во бариерата слично како и во 2020 година. 

Ова го искористи Антонели кој напредуваше многу низ поредокот. Како што одминуваше трката младиот Италијанец чекореше сигурно кон врвот, па на половина трка стигна до првата позиција. Битката за победата ја водеше со тимскиот колега Џорџ Расел кој беше на различна стратегија, но Британецот немаше среќа и на крајот Антонели го мина и покрај една груба грешка и излетување во песокот крај патеката. Италијанскиот возач стигна до победата и беше поздравен на големата сцена од „тифозите“ кои иако беа повеќето во црвени обележја, со овации го поздравија Антонели. 

Зад нив заврши Макс Верстапен, па следуваа Ландо Норис и Оскар Пиастри пред Луис Хамилтон, а во топ десет беа уште Пјер Гасли, Арвин Линдблад, Франко Колапинто и Јуки Цунода.