Како учителката го карала Роси: „Mислиш дека ќе живееш од моторите!? Учи и слушај!“

Италијанскиот МотоГП возач Валентино Роси е вистинска легенда во авто-мото спортот. За да дојде до тој статус, тој вложил голема жртва, а во интервју за италијански „Раи“ откри интересни детали од своето детство.

Додека одел во училиште, никој не верувал во него и дека еден ден тој ќе биде супер-успешен мотоциклист. Па дури ни неговата учителка, која го прекорувала често и му велела дека треба да слуша на часовите и да учи, наместо да мисли на мотори.

„Додека седев на часот по Историја на уметноста, ми беше многу, многу досадно. Не можам да опишам колку ми беше лошо. Нормално, ми се забележуваше и на лицето. Учителката тоа го забележа, дојде до мене и ме праша „Што е, досадно ти е?“. Јас не ја излажав, ѝ потврдив дека тоа е точно. Таа строго ме погледна во очи и ми кажа „Учи и слушај. Што мислиш, дека во животот може да се заработи од мотори?“, раскажа Валентино Роси.

Популарниот „Доктор“ важи за еден од мотоциклистите со најголема заработка во кариерата и затоа што во авто-мото спортот е уште од деведесеттите, се смета за еден од најбогатите спортисти во историјата.