• Мартин Танасковски
Италијанскиот суперталент Кими Антонели е на чекор да испише нова страница во историјата на Формула 1 и да стави крај на една суша која трае повеќе од седум децении.
По 11 трки во сезоната 2026, 19-годишниот возач на Мерцедес е лидер во генералниот пласман со 219 бодови. Антонели зад себе има шест победи, едно второ место, две трети места и триумф во спринт-трката на Силверстоун, со што создаде предност од 50 бодови во однос на Луис Хамилтон и 59 во однос на својот тимски колега Џорџ Расел.
Одличните резултати го ставаат во идеална позиција да стане најмладиот светски шампион во историјата на Формула 1. Актуелниот рекорд го држи Себастијан Фетел, кој во 2010 година ја освои титулата на возраст од 23 години и 134 дена. Антонели има време до 5 јануари 2030 година да го собори ова достигнување, што значи дека сезоните од 2026 до 2029 му нудат повеќе можности за нов историски подвиг.
Младиот Италијанец веќе држи неколку рекорди за најмлад возач во историјата на шампионатот, меѓу кои најмлад возач со најбрз круг, најмлад лидер на трка и најмлад лидер во генералниот пласман.
Доколку успее да ја претвори сегашната предност во шампионска титула, Антонели ќе стави крај на 73-годишното чекање Италија повторно да добие светски шампион во Формула 1. Последниот Италијанец кој ја освоил титулата е легендарниот Алберто Аскари во 1953 година. Пред него, првиот шампион во историјата на Формула 1 беше Џузепе Фарина во 1950 година, а Аскари потоа ги освои титулите во 1952 и 1953 година.