Историска победа за Леклер во Белгија, Хамилтон ја зголеми предноста пред Ботас

Вчерашната двојна пол-позиција на пилотите на Ферари беа најава на ѕвездениот викенд во Белгија за италијанската скудерија. Шарл Леклер се избори за првата победа во кариерата, откако денес прв мина низ целта на патеката СПА на трката за големата награда на Белгија.

Леклер победата ја посвети на својот пријател Антоан Убер, кој загина вчера на трката во Формула 2 шампионатот на истата патека во Белгија.

Возачот од Монако од почеток до крај возеше на чело на групата и заслужено се искачи на највисоко место на пиедесталот. Клупскиот другар на Леклер, Германецот Себастијан Фетел го успори Хамилтон, кој сепак го мина, но не успеа да избие и пред Леклер.

Трката ќе се памети по еден голем инцидент на стартот на трката. По контактот меѓу возилата на Верстапен и Раиконен, Холанѓанецот удри во заштитниот ѕид и испадна од трката. 

На третата позиција заврши Финецот Валтери Ботас, а бодови освоија и Фетел, Албон, Перез, Квијат, Хулкенберг, Гасли и Строл.

Во генералниот пласман Хамилтон ја зголеми предноста пред Ботас и Верстапен.