Историја во Формула 1: Кими Антонели е најмлад возач со пол-позиција!

Младиот италијански возач Андреа Кими Антонели испиша нова страница во историјата на Формула 1, откако ја освои пол-позицијата во квалификациите пред трката за Големата награда на Кина во Шангај. Со овој успех, талентираниот пилот на Мерцедес стана најмладиот возач кој стартувал од првата позиција во историјата на шампионатот.

Антонели до историскиот резултат стигна на возраст од 19 години и 201 ден, со што го надмина рекордот што повеќе од една деценија го држеше Себастијан Фетел. Германецот ја освои својата прва пол-позиција на трката за Големата награда на Италија во 2008 година на патеката „Монца“, кога имаше 21 година и 72 дена.

Во решавачката фаза од квалификациите, младиот Италијанец постави најбрзо време од 1:32.064, со што ја обезбеди првата стартна позиција за неделната трка. Неговиот тимски колега во Мерцедес, Џорџ Расел, се соочи со проблеми уште на почетокот на последниот сегмент од квалификациите кога беше принуден да го запре болидот поради дефект на менувачот. По интервенцијата на механичарите, Британецот успеа повторно да се врати на патеката, но имаше време само за еден брз круг. Со резултат од 1:32.286, Расел заостана 0.222 секунди зад Антонели и ќе стартува од втората позиција.

Третото место го освои Луис Хамилтон, кој беше за 0.351 секунда побавен од младиот возач на Мерцедес. Седумкратниот светски шампион ќе стартува од вториот ред заедно со својот тимски колега во Ферари, Чарлс Леклер. Во третиот ред ќе се најдат возачите на Мекларен, Оскар Пјастри и Ландо Норис, додека четвртиот ред на стартот ќе го формираат Пјер Гасли и Макс Верстапен. Од петтиот ред ќе тргнат Исак Хаџар и Оливер Берман.

Трката за Големата награда на Кина, која е втора рунда од шампионатот во сезоната 2026 во Формула 1, е закажана за недела со почеток во 8:00 часот.