Индија пак притиска за трка во Формула 1

Индиските власти повторно ја активираа иницијативата чија крајна цел е враќање на Формула 1 во земјата во наредните години, со што Индија би се обидела повторно да се позиционира на мапата на најелитниот авто-мото спорт.

Индија досега беше домаќин на три трки во Формула 1, одржани на патеката „Буд“ во близина на Њу Делхи во периодот од 2011 до 2013 година. Сите три изданија на Големата награда на Индија завршија со триумф на Себастијан Фетел, кој во тој период доминираше во шампионатот. 

Сепак, и покрај спортскиот успех, трката беше исфрлена од календарот поради сериозни административни и даночни проблеми. Индиските даночни власти воведоа високи давачки и царини за тимовите, што ја направи организацијата финансиски неисплатлива и неодржлива.

Обидите за враќање на големите мотоспорт натпреварувања продолжија и во поново време. Во 2023 година, Индија беше дел од календарот на МотоГП, но доцнењето со финансиските обврски кон светскиот шампионат резултираше со откажување на трката за 2024 и 2025 година.