• Иван Димовски

Игор Иџе Стефановски е на пат да го освои третиот трофеј во Европскиот шампионат за ридски трки. Македонскиот автомобилист со предност допатува на последниот тркачки викенд во хрватскиот град Бузет, во областа Истра. Иџе на тренинзите покажа солидно темпо, па ќе се обиде да ја одбрани предноста.
Главен конкурент на Македонецот ќе му биде Николас Вервер. Во пресрет на трката во Бузет, Иџе има 204 бода, наспроти 176 кои ги има Французинот. Доколку ги оправда очекувањата, Стефановски треба да ја одбрани предноста од 28 бода.
За трката под името „Бузетски дани“, тимот на Игор Стефановски организира и автобус за фановите. Така, околу 50 Македонци минаа преку 1.000 километри за да му дадат поддршка на автомобилистот на патот кон нов трофеј.
Иџе беше шампион во оваа конкуренција во 2014 и 2015 година, па сега е на добар пат и третпат да го крене шампионскиот трофеј.