Иџе седми на првата трка во Ле Кастелет, Давидовски заврши 16. на „Пол Рикар“

Македонскиот возач Игор Стефановски - Иџе ја имаше првата трка во „ТЦР Европа“ шампионатот и во Ле Кастелет, Франција, заврши на седмата позиција.

Иџе имаше најбрзо време во првата квалификациска рунда и беше прв, но во вториот најбрзиот круг му беше поништен, па стартуваше дури од 11. место. Возачот со своето „Хјундаи“ се бореше машки до самиот крај, а успеа да дојде на седмото место.

Победник на првата трка е одличниот српски возач Душан Борковиќ кој имаше контрола врз трката, тргна од пол-позиција и ниту еднаш не ја предаде. Трката ја заврши со време 27:08.766. На второто место беше Наѓ со заостанување од 1.505 секунди, додека трет е Шпанецот Азкона со заостанување од 6.424 секунди.

На патеката во Франција беше и Македонецот Виктор Давидовски, кој со својата Хонда заврши на 16. позиција.

Втората трка на „Пол Рикар“ во Франција ќе се вози утре (недела), од 15.50 часот.