Иџе го оствари својот сон: Од новата сезона во ЕТЦЦ ќе вози за ЛЕМА!

Она што Gol.mk го најави во средината на месец јануари, денеска доби и официјална потврда. Двократниот шампион на ридско-брзински стази, Игор Стефановски Иџе, во новата сезона ќе се натпреварува во ЕТЦЦ откако потпиша за словенечката екипа ЛЕМА.

Иако беше во преговори со тим од Шпанија, информација која што и самиот Стефановски тогаш ни ја потврди, се реши да ја прифати онаа од ЛЕМА, тим кој доаѓа од Словенија, а којшто ќе се натпреварува со возила Сеат. Клупски колега на нашиот возач ќе му биде Португалецот Фабио Мота, со кого изминатиот викенд ги сефтосаа своите возила откако имаа тестови на патеката Гробник, близу Ријека во Хрватска.

Новата сезона во ЕТЦЦ шампионатот, каде што Иџе ќе го има своето официјално деби, започнува на 1 април. Првата трка од сезоната ќе се вози во Пол Рикар, Франција.