• Мартин Танасковски
Легендарниот италијански ас Валентино Роси неочекувано рано ја заврши својата етапа во FIA World Endurance Championship (WEC). Германскиот производител BMW официјално објави дека Роси од 2026 година повеќе нема да биде дел од нивната програма, оставајќи голем знак прашалник во однос на неговите следни чекори во автомобилскиот спорт.
По завршувањето на својата МотоГП кариера во 2021 година, Роси целосно се посвети на светот на автомобилизмот. Веќе во 2022 година се приклучи на белгискиот тим ВРТ, каде ги започна првите сериозни настапи во GT World Challenge Europe, постепено стекнувајќи искуство во дисциплина многу поразлична од онаа во која ја изгради својата слава на две тркала.
Во 2024 година Роси дебитираше во WEC како фабрички возач на BMW, продолжувајќи ја успешната соработка со тимот. Возејќи го болидот со препознатливиот број 46, „Докторот“ уште на својата втора WEC трка ја забележа и прв подиум – на легендарната патека во Имола, што беше силен сигнал дека брзо се адаптира на новиот предизвик.
И покрај охрабрувачкиот почеток и растечките перформанси, BMW одлучи да ја редефинира својата LMGT3 стратегија, што доведе до разделба со седумкратниот шампион. Во моментов останува целосно неизвестно дали Роси ќе продолжи во некоја друга GT програма, ќе премине во ендуро-серии со друг производител или ќе се насочи кон нова фаза во својата богатa авто-мото авантура.