• Иван Димовски
Хрватска е чекор поблиску до добивање на модерен меѓународен автодром, откако Министерството за заштита на животната средина и зелена транзиција го одобри елаборатот за заштита на животната средина за проектот „Кроација Ринг“.
Станува збор за патека која треба да биде изградена според највисоките стандарди на ФИА и во иднина би можела да биде домаќин и на трки од Формула 1. Автодромот е планиран северно од Слуњ, помеѓу населените места Велјун и Благај, во непосредна близина на реката Корана. Водителот и партнер на проектот, Даворин Штетнер, изрази задоволство од добиеното одобрение, нагласувајќи дека процедурата била исклучително сложена, но успешно биле исполнети сите барања на надлежните институции.
Според планот, целиот комплекс ќе се простира на околу 50 хектари. Најголемиот дел ќе биде наменет за самиот автодром, со тркачка патека, падок, сервисни објекти и придружна инфраструктура, додека останатиот простор ќе биде резервиран за туристички и угостителски содржини. Патеката ќе биде долга 4,2 километри, ќе има 12 свиоци и висинска разлика од 34 метри.
Покрај можноста за организација на големи автомобилски настани, во комплексот се предвидени тестирања на возила, активности за автошколи, како и бројни комерцијални содржини, со што проектот треба да стане еден од најзначајните автомобилски центри во регионот.