ВИДЕО: Хорхе Мартин го детронизира Бањаја и прослави како „Терминатор“!

Хорхе Мартин е новиот шампион во Мото ГП, откако заврши на третото место на трката за Големата награда на Барселона. Тој требаше да биде најмалку деветти за да освои доволно бодови за титулата, па успеа да ја исполни својата цел и првпат во историјата го крена трофејот. 

Двократниот првак Франческо Бањаја победи на трката во Каталонија, но тоа не му беше доволно за да го одбрани тронот. Италијанецот водеше од почетокот до крајот, ама не му одговараше пласманот на Мартин кој ја исполни зацртаната цел. На втората позиција заврши Марк Маркез од Гресини во последната трка за овој тим пред преодот во фабричкиот Дукати. Четвртото место го зазеде Алекс Маркез кој финишира пред Еспаргаро и Биндер.

По освојувањето на титулата Хорхе Мартин на оригинален начин го прослави тоа. Шпанецот излезе од огромна кутија во која пишуваше „Мартинатор“ инспирирана од филмот „Терминатор“, за ерупција на трибините во Барселона.

На крајот Мартин сезоната ја заврши со 508 поени, Бањаја со 498, трет беше Марк Маркез со 392, а четврти финишира Бастијанини со 386.