Хонда ја „откри тајната“ за катастрофата од погонска единица за Астон Мартин

Хонда подготви значително подобрување на погонската единица на Астон Мартин, кое треба да дебитира на Големата награда на Холандија по летната пауза во Формула 1.

Јапонскиот производител имаше тежок почеток на сезоната, а болидот на Астон Мартин се мачеше со сериозни проблеми и перформанси. Сепак, по првото подобрување на болидот во Будимпешта, сега на ред е и новата спецификација на моторот.

Главниот Ф1 инженер на Хонда, Шинтаро Орихара, откри дека инженерите работеле на повеќе сегменти за да ја зголемат моќноста и ефикасноста.

„Се фокусиравме на подобрување на перформансите на моторот, односно на забрзување на согорувањето. Тоа е своевидна тајна, но можам да откријам нешто. Ја променивме предкомората за да го забрзаме согорувањето, а го променивме и обликот на клипот за да постигнеме подобро согорување. Направивме измени и на некои делови од системот за подмачкување за да го намалиме триењето. Имавме прилично долга листа на работи што сакавме да ги подобриме за да ги зголемиме перформансите на моторот. Не можам да го откријам точниот број, но ја постигнавме целта што си ја поставивме интерно. Уверен сум во она што инженерите во фабриката на Хонда, ХРЦ Сакура, го постигнаа со моторот со спецификација 2. Возбудени сме што ќе ја донесеме новата спецификација на моторот во Холандија и тогаш ќе видиме каде се наоѓаме“, изјави главниот инженер на Хонда во Ф1, Шинтаро Орихара.

Во првиот дел од сезоната возачите на Астон Мартин имаат само еден освоен бод и тој беше дело на Фернандо Алонсо.