Хаотичната трка со страшни инциденти во Каталонија за Ди Џанантонио

Фабио Ди Џанантонио триумфираше на хаотичната трка за Големата награда на Каталонија, обележана со бројни инциденти, три старта и тешки падови поради кои двајца возачи беа пренесени во болница.

Трката на патеката Каталуња почна драматично, а така и заврши. Педро Акоста водеше во најголем дел од викендот, но во 12. круг од првиот старт доживеа дефект на својот мотор од КТМ. Во моментите кога се бореше со Алекс Маркез за првата позиција, Акоста нагло забави и подигна рака, по што следуваше контакт меѓу двајцата. Маркез загуби контрола, буквално „полетa“ во воздух и доживеа страшен пад, по кој беше пренесен во болница. Инцидентот веднаш предизвика црвено знаме и прекин на трката.

По рестартот се возеа само неколку стотици метри пред повторно да биде прекината трката, овојпат поради падот на Франческо Бањаја, Лука Марини и Жоан Зарко. Подоцна беше потврдено дека и Зарко е пренесен во болница во Гранољерс. Ниту третиот старт не помина без проблеми. Раул Фернандез направи голема грешка и агресивно влезе во Хорхе Мартин, предизвикувајќи нов пад за возачот на Априлија. За Мартин тоа беше веќе петти пад во текот на викендот.

Во самиот финиш имаше уште една драма, кога Аи Огура го оттурна Акоста во последниот свиок од последниот круг. На крајот, победата му припадна на Фабио Ди Џанантонио, кој со тоа значително се приближи во генералниот пласман и сериозно се вклучи во битката за титулата.

Во генералниот пласман води Марко Бецеки со 140 бодови, пред Хорхе Мартин со 127 и Ди Џанантонио со 116 поени.